ПОЧЕТНА / СПОРТ / РАКОМЕТ / Ракометните ветерани ја кренаа Битола на нозе

Ракометните ветерани ја кренаа Битола на нозе

Битола покажа и докажа дека живее за спортот. Пред повеќе од 5.000 гледачи, а на иницијатива на ракометните ветерани и македонски репрезентативци Пепи Манасков и Златко Димитровски, синоќа во спортската сала „Младост“ во Битола се одржа ракометен спектакл на ракометните ветерани на РК „Пелистер“ и ракометари кои биле дел од државната македонска репрезентација. Ветераните на Пелистер ги претставуваа голманите Стевче Стефановски и Зоран Петковски како и познатите битолски и македонски ракометари Златко Димитровски, Кире Поповски, Стевче Алушовски, Наумче Мојсовски, Душан Новокмет кој по 19 години повторно заигра во битолската спортска сала „Младост“, Абдула Јусуфовски и други битолски ракометари познати на спортската јавност, а од клупата ги предводеше Цане Крстевски. Илјадната публика со аплауз му даде посебна почит и на легендата на битолскиот ракомет Пеце Димитровски, како и на прерано починатиот ракометар Боро Чурлевски.

„Одушевен сум, не очекував дека ќе дојде толку многу публика. Овој град и овие луѓе од срце го сакаат ракометот, знаат да почитуваат и затоа се надевам дека наскоро пак ќе гледаат врвен ракомет. Сакам да им се заблагодарам на сите колеги, малку сме во поодминати години не можеме како некогаш, но најважно е што се дружиме, што се навраќаме на убавите денови од нашите кариери и на заедничките победи“, истакна Манасков.

„Видовте колку луѓе дојдоа да ги видат ракометарите кои носеа победи и титули во овој град. Битола докажа дека е трајно врзана со ракометот и испраќаме порака овој спорт повторно да го ма главниот збор во нашиот град. Оваа публика ни даде обврска да продолжиме да организираме вакви средби. Поканив многу останати поранешни ракометари. Заради обврски не можеа да дојдат Томче Петрески, Иван Марковски, Александар Мирзамамедов, Слободан Николиќ и уште многу, многу други. Ветувам дека ќе се видиме во некоја друга средба“ – рече по натпреварот Златко Димитровски.

„Сакам да им честитам на сите кои го организираа ова дружење, на „Чкембарите“ кои се незаменливи, на цела ракометна публика која ја познава оваа игра во сржта. Слушам за разни нови и стари храмови, центри и клубови, но храм е само еден – само спортската сала „Младост“ и обврска ни е на сите пред ваква публика да се игра ракомет и во иднина“, рече поранешниот голман на Пелистер и националната репрезентација, Стевче Стефановски.

На синоќешниот ревијален натпревар беа доделени посебни признанија за директен придонес во развојот и афирмацијата на ракометот во Битола и Македонија кои ги добија Силјан Мицевски, Благој Стефановски, Трифун Костовски и други кои биле на чело на РК „Пелистер“, Гоце Гроздановски како истакнат спортски работник, Атанас Нашоку-Саку, Благој Багевски и други ракометари од првата генерација на РК „Пелистер“. Пораката која со овој натпревар организаторите сакаа да ја испратат е како што велат, дека ракометот во Битола заслужува голема поддршка.

Може да ве интересира

Голден Стејт најмалку три седмици без Стеф Кари

Стеф Кари ќе паузира најмалку три седмици од кошаркарските терени по повредата што кошаркарот на …

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *