ПОЧЕТНА / СПОРТ / Куп на РМ: Пелистер патува помеѓу четирите најдобри

Куп на РМ: Пелистер патува помеѓу четирите најдобри

Со вкупен резултат 7:4, Пелистер се пласираше во полуфиналето од Купот на Македонија, откако денеска на стадионот „Под Тумбе кафе“ одиграа 2:2 во пелагониското дерби против прилепска Победа. Водството од 5:2 кое пелистерци го имаа после првите 90 минути беше доволно за обезбедување пласман помеѓу најдобрите четири екипи во најмасовното клупско натпреварување во нашата држава.

Условно домаќините на овој натпревар, фудбалерите на прилепска Победа подобро го отворија натпреварот и уште во 10-тата минута дојдоа во водство. Корнер изведе Мартин Мирчевски, а најснаодлив во шеснаесетникот беше Ристе Илијовски кој го отвори резултатот.

Потоа Пелистер како да се разбуди, пропушти неколку прилики, а израмнувањето стигна во 30-тата минута преку Жаделсон, кој по асистенцијата на Трифуновски, немаше многу проблеми да ја смести топката во празната мрежа на Талески.

Јован Попзлатанов имаше одлична можност да донесе водство за битолчани само шеесетина секунди по погодокот на Жаделсон, но од само 2-3 метри Попзлатанов не се снајде баш најдобро и ударот заврши над голот на Талески.

Три минути подоцна, Попзлатанов фаулиран во шеснаесетникот на Победа и судијата Марјан Гоцевски покажа на белата точка. Одговорноста ја презеде Мартин Ковачев, но неговиот удар заврши во гредата и резултатот остана 1-1.

На четири минути пред крајот на полувремето, прилепчани повторно имаа прилика да стигнат до водство, но стативата го спасуваше голманот Петровски по ударот на Илиески.

Тоа што не го сторија кон крајот на првиот дел, им успеа во 54-тата минута. Повторно Мартин Мирчевски асистираше, а ново водство на Победа му донесе Александар Недановски, кој биеше неодбранливо покрај левиот дирек.

Радоста на прилепчани траеше само девет минути, кога Пелистер стигна до ново израмнување. Иве Трифуновски добро го пронајде Лукас во шеснаесетникот, овој центрираше на спротивната страна за неговиот сонародник Жаделсон, кој повторно без многу мака се запиша во листата на стрелците.

Пелистер со овие 2:2 и вкупни 7:4 се пласираше во полуфиналето од Купот на Македонија, каде е во исчекување на ждрепката на ФФМ и да го дознае противникот на патот до финалето и евентуалната одбрана на титулата освоена минатата година.

Може да ве интересира

Голден Стејт најмалку три седмици без Стеф Кари

Стеф Кари ќе паузира најмалку три седмици од кошаркарските терени по повредата што кошаркарот на …

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *